Thursday, May 7, 2015

Анкета

Почитувани колешки и колеги,
Природно-математичкиот факултет во Скопје (ПМФ), веќе 70 години образува и дообразува наставен кадар за предметите од групата на природно-математичките науки: математика, физика, хемија, биологија и географија, за основно и средно образование. Во изминативе дваесетина години, професорите и асистените од ПМФ земаа учество во редица национални и меѓународни проекти од областа на наставата и методиката на наставата, како што се Проектот за модернизација на образованието, проектите од програмите Phare, Tempus, Erazmus, USAID и многу други. Низ обуките на проектите како што се Е-Школо, Едубунту, Проект за основно образование (ПЕП), серијата Работилници за Современа настава и многу други работилници, беа обучени повеќе од илјада одделенски и предметни наставнници.

Сите активности кои ПМФ ги превзема се базираат на сериозни истражувања и анализи, направени од страна на нашите стручњаци кои работат во полето на методиката на наставата од природните науки, а во интензивна и присна соработка со нашите колеги од основните и средните училишта и нашите друштва и здруженија. Така, се обидуваме максимално, колку е во наша можност, да им помогнеме на нашите колеги во училиштата полесно да ги реализираат целите на наставната програма, а учениците да стекнат поквалитетни и потрајни знаења и вештини.

Со последните измени во основното образование и со воведувањето на предметот Природни науки уште од прво одделение, се појави потреба од ваква соработка и во рамките на овој предмет. Поради тоа отпочнуваме со реализација на едно истражување, кое има за цел да ги открие проблемите кои се јавуваат во наставата на овие предмети и да најде и понуди решенија за тие проблеми. За таа цел, креиравме еден прашалник со кој сакаме да собереме податоци за реализацијата на наставата од предметот Природни науки.

Прашалникот можете да го симнете ОВДЕ. Пополнетиот прашалник испратете го на адреса: zoliver@pmf.ukim.mk најдоцна до 15.05.2015. Така ќе ни овозможите да направиме анализа и до крајот на учебната година да ги објавиме резултатите од анализата на овој блог. Оттука ќе произлезат идеи за можни идни чекори, кои исто така ќе бидат објавени на овој блог.

Ве молиме, за ова истражување и оваа веб страна да ги известите сите колеги кои би биле заинтересирани да земат учество во анкетата.

Искрено се надеваме дека оваа наша соработка ќе биде плодна и долга, на задоволство на сите, а особено на задоволство на учениците.

No comments:

Post a Comment